Рашид Tуграл доби многу следбеници на социјалните мрежи со прекрасните фотографии од небото над родната Турција. Споделувал фотографии, како оваа од смрека наспроти небо осветлено од Млечниот пат, на веб-страницата на “Национална географија” (National Geographic). Tуграл бил примен на престижна постдипломска програма по астрофизика во Финска. Интелегентен, згоден, со авантуристички дух и непосреден, се чинело дека е предодреден за таа кариера.
Но Туграл копнеел за нешто повеќе. Израснат во муслиманско конзервативно семејство, почнал да посетува џихадистички веб-страници додека бил на колеџ, а особено го привлекло радикално толкување на исламот. На почетокот на 2015-та, го напуштил семејството и удобниот живот, и им се придружил на џихадистите на Исламската држава во Сирија.
Туграл загинал во август, 2015-та година, борејќи се против курдските сили. Имал 27 години.
Илјадници млади муслимани, привлечени од идеологијата и пропагандата на Исламската држава, се приклучувале на самопрогласениот калифат од страна на терористите во Ирак и Сирија. Исто како Туграл, многумина од нив го напуштиле животот со привилегии и потенцијал. Сепак, приказната на Туграл е за издвојување, заради обемната количина на пишан материјал и фотографии со кои преку една деценија ја документирал неговата трансформација.
Низ годините, Tуграл зад себе оставил мноштво убави фотографии и автопортрети; размислувања во врска со вселената и неговата религија; како и тиради против неверниците. Во детално писмо, споделено на Интернет минатата година, тој обелоденува хронолошки белешки за секојдневни искуства со Исламската држава: моменти на досада, исцрпувачка обука и постојано бегање од воздушни напади. Тој проповеднички ги бранел најварварските активности на Исламската држава, вклучувајќи го обезглавувањето на луѓе и чувањето робинки за сексуални услуги.
“Оној којшто умрел без борба во џихад или без да помисли за џихадот, умрел како лицемер - хипокрит, напишал Туграл на Фејсбук, цитирајќи “хадит”, исламска поговорка нa основачот на религијата, Мухамед. Познати исламски мислители како Мохамед Абделфадел, предочуваат дека милитантните екстремисти ја извитоперуваат верата и значењето на џихадот и дека религијата всушност го осудува тероризмот и нападите врз невино цивилно население.
Што е она што го радикализирало Туграл и го довело до таков крај? Тим новинари на Гласот на Америка се обиде да одговори на ова прашање, преку материјалот објавен на социјалните мрежи, и писмото од 14 страници за неговите почетоци во Сирија. Новинарите воедно интервјуирале некои од неговите пријатели и соработници, други извори, како и неговиот татко.
Џихадот не бил патот којшто Туграл го избрал, ниту пак можел да го предвиди. Неговиот живот и смрт отсликуваат трагичен пример за лажниот сјај на идеологијата на Исламската држава за загубена генерација млади муслимани, фатени во заблуда.
Одгледан во посветено семејство
Како второ од три деца, Туграл израснал во областа Синкан, во Анкара, во семејство кое го вреднувало образованието и религијата. Неговиот татко има докторат по турска литература, и е професор во средно училиште. Постариот брат е софтвер инженер и композитор, а помладата сестра е студентка. Еден од неговите чичковци, од страната на таткото, е професор по математика.
Сулејман Туграл, патријархот, од 2008-ма до 2014-та имал свој блог за исламот, каде споделувал поезија и конзервативни ставови. Тој воедно ја споменал својата докторска дисертација за “Системот на вредности на Коранот”, каде го поддржува милитантниот џихад, а Евреите и Христијаните ги нарекува проколнати заради тоа што не веруваат во Алах и неговиот пророк. “Нив ги чека болна казна”, напишал тој.
Заедно со мајка му, која била домаќинка, го запишале Рашид во приватно средно училиште на светата книга, што било вообичаено за религиозните семејства.
Непослушен ‘гениј’
Кон крајот на 2007-та година, Туграл станал студент по физика на Блискоисточниот Технолошки Универзитет (METU), нашироко познат како Харвард во Турција. Тамошното световно опкружување, било сосема спротивно од животот дома, вели Нихат Целик, поранешен колега од универзитетските денови и еден од неколкуте соработници кој ја потврди автентичноста на напишаниот материјал и пораките на Туграл објавени на социјалните медиуми.
“Преку ден одеше на училиште во либерално опкружување, но навечер беше со семејството во религиозниот и конзервативен дом”, додаде Целик. “Не е возможно овие два различни пристапа да ги ставиш на едно место”.
Додека студирал на Блискоисточниот Технолошки Универзитет (METU), станал познат заради интересот во астрономијата и фотографијата и по по правење шеги. “Беше гениј. Поставуваше многу добри прашања”, изјави еден професор, кој од безбедносни причини побара да остане анонимен. “Но, Туграл “не бил најдобар студент, бидејќи му недостасувала дисциплина и бидејќи пропуштал многу часови”.
Станал член на универзитетскиот клуб за астрономија и се спријателил со неговиот раководител, Утку Боратац. Заедно оделе на кампување, проучувајќи го небото. Боратац за Гласот на Америка изјави дека помагале и во јавните годишни настани на Националната опсерваторија “Тубитак”.
Фотографиите поврзани со астрономијата, Туграл почнал да ги споделува на магазинот “Национална географија” во 2010-та година и се пријавил на натпревар на НАСА во 2012/та за најдобра адаптација на фотографија од телескопт Хабл. На социјалните мрежи станал познат и по прекарот “Нуклеарна мачка”, бидејќи сакал мачки и фотографии од нив.
‘Луд’ неконформист
Забавен и понекогаш ексцентричен, Туграл “секогаш кажуваше шеги и се’ му беше забавно”, се сеќава негов соученик кој побара да остане анонимен. “Еднаш дојде на училиште во хеланки, во друга прилика сум го видел без кошула, само во куси панталони”.
Активен велосипедист, планинар и пливач, тој сакал физички предизвици. Истиот извор додаде дека од здодевност тргнал со велосипед од Анкара до Конја, на југ на земјата, на пат од 262 километри.
“Повеќето од луѓето коишто ги познавам, би рекле дека су луд, но знам дека би сакале да се како мене, зашто јас правам што сакам. Ова мое искуство можно е да биде едно од нив”, напишал Туграл на веб-страницата “Каучсурфинг".
“Сакам да се смеам и сакам да ги засмејувам другите (иако понекогаш и плачам). На луѓето околу мене воглавно им е забавно”.
Приближување кон радикализам
Како студент, Туграл и’ останал доследен на својата вероисповед, но се дружел со луѓе со поинакви интереси од неговите, во однос на молење, постење и избегнување на токсични супстанци.
“Во една прилика сите пиевме алкохол”, изјави друг негов пријател кој побара да остане анонимен. Туграл “не пиеше со нас, но почна да се шегува на своја сметка заради тоа што не пиеше”.
Во 2013-та, учествувал во анти-владини протести и се повеќе почнал прибежиште да бара во својата религија. Почна да се менува, рече неговиот пријател Боратац.
Туграл почнал да се дистанцира од световното мнозинство на Универзитетот. Ја оставил брадата да му порасне, престанал да ја крати косата, по примерот на Исламската држава. На Фејсбук напишал дека “комунистите на Универзитетот се собираат и се смеат кога ги поздравуваме нашите браќа допирајќи се со челата”.
Минувал се повеќе време со посетителите на џамијата на Универзитетот и со часови дискутирал за Коранот “дел по дел, збор по збор”, рече Боратац. “Еднаш на Фејбук објави нешто за исламот и јас се обидов да коментирам… да отпочнам разговор. Но тој никогаш не одговори”.
Понекогаш ќе се изолирал и го проучувал Коранот со денови, дури недели, без да ја напушти џамијата, изјави за Гласот на Америка, Целик, пријателот на Туграл од клубот по астрономија. Тој додаде дека делумно неговата радикализација се должела на учеството во групата во џамијата каде се дискутирало за Коранот. Пролетта 2014-та, уште едно лице од таа група замина во Сирија или Ирак”, рече Целик. “Не знаеме што се случи со него”.
Магазинот “Њусвик” во статија за Туграл како џихадистички регрут, наведе дека поранешниот член на таа група и се приклучил на Исламската држава и заедно со Туграл на Интернет споделувале џихадистички видео материјал. Во написот се додава дека Турците со симпатии спрема ИД не паднале во очи заради тоа што турската влада се концентрирала на странските борци кои ја преминувале границата со Сирија.
Туграл одвреме-навреме во истата џамија предводел молитви бидејќи бил добар оратор, изјави Уфук Тастан од Одделот за физика при Универзитетот, за турскиот дневен весник Биргун. Тастан бил заедно на студии со Туграл.
Наскоро Туграл почнал и јавно да изразува поддршка за џихадот. На Фејсбук, жалел за смртта на цивилите, кои според него биле убиени од руските, сириските и коалиционите воздушни напади предводени од САД. Воедно ја осудувал турската влада и општество.
"Одвреме-навреме, ја критикуваше владата за мито и корупција”, изјави Целик, и верувал дека владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган погрешно го интерпретира исламот.
Студии во Финска
Туграл дипломирал од МЕТУ пролетта, 2014-та година. Истата година се запишал на постпиломски студии по физика на Универзитетот Јуваскила во Финска. Ја поздравил драстичната промена на климата и местоположбата, објавувајќи на Фејсбук дека “дефинитивно овој универзитетски кампус е многу подобар од претходниот”.
На социјалните мрежи Туграл објавувал фотографии и им се воодушевувал на боите на есента на оваа нордиска земја, заедно со фотографии на мачки, верверички и други животни.
Туграл бил се` помалку фокусиран на студиите. Наместо тоа, се повеќе престојувал во џамијата Ан-Нур во градот Јуваскила.
“Не доаѓаше на часови и повеќето од времето го минуваше во џамијата или кога беше дома, на Интернет”, изјавил Анбу Посакану, еден од неговите цимери за дневниот весник Биргун.
Тој додава дека Туграл “повеќепати кажал дека сака да се придружи на Исламската држава”. Гласот на Америка не беше во можност да стапи во контакт со Посакану.
Пријателот на Туграл, Боратац, за Гласот на Америка изјави дека се шегувал со него за брадата. “На шега го прашав - како те пуштија во Финска ваков? Не те прашаа да не одиш во џихад?”, се сеќава Боратац.
”Луѓето се почитуваат според намерите, а не според изгледот”, одговорил Туграл, според кажувањата на Боратац.
Но намерите на овој постипломец, почнале да раѓаат сомнежи, според весникот Бирган. Финските власти кон крајот на 2014-та отвориле истрага за Туграл, наведува овој извор.
Во написот на Њусвик за Туграл, исто така се наведува дека полицијата “алармирана од неговите постирања на Фејсбук” го повикала Туграл на испрашување надвор од кампусот.
Раководителот на џамијата, Калид Беламине, за Гласот на Америка потврди дека претставници на финското обезбедување го контактирале во врска со Туграл, но како што кажа, не се сретнал со него лично и никој во заедницата не го познавал”.
“Од она што сме забележале, доаѓал во џамијата во доцните часови и со никого не разговарал”, додаде Беламине. “Ако сум забележал нешто, секако дека ќе сум го пријавел”.
Пред да замине од Финска за зимскиот распуст, Туграл го носел неговиот фотоапарат во Катедралата Хелсинки и во хотелот "7 Fells" во областа Лепленд бидејќи нејзиниот сопственик "беше исто така искусен фотограф како мене", напишал на Фејсбук.
Најпрво маневар, а потоа лет
Туграл се вратил дома во Анкара, користејќи го како станица пред да навлезе подлабоко во џихадот. На 10-ти јануари, 2015-та на родителите им кажал дека ќе преноќи со пријатели од Универзитет. Наместо тоа, тој спакувал мал ранец и заминал за Сирија.
“Пред да заминам, се помолив на Бога”, напишал подоцна Туграл.
Стопирајќи влегол во мини-автобус. Таму, “сфатив дека го заборавив фотоапаратот”, напишал тој. Го носел секаде, документирајќи се`. Пропуст, си рекол, “но ништо страшно”.
Преминување во Сирија
Сеќавањата и се она што се случило потоа, е наведено во долго писмо на Туграл, пишувано во делови, додека немал постојан пристап до Интернет и социјалните мрежи во Сирија. Насловено како “Поздрав од земјата на калифатот”, Туграл содржината на писмото ја споделил преку Фејсбук, на 25-ти март, 2015-та година.
Во градот Санлиуфра, на југоисточната граница со Турција, се сретнал со мажи од Тунис, Либија и Саудиска Арабија, кои сакале да се борат за Исламската држава. Заедно, илегално преминале во Сирија. “Моравме да трчаме долго време. Беше паметно што не зедов тешка торба”, напишал Туграл.
Ги пречекал Авганистанец со долга коса, член на ИСИС, по што ги превезол во сирискиот град Тал Абад. Биле однесени во куќа чии соби биле осветлени со свеќи. Им биле одземени пасошите, електронските направи и се друго што го имале со себе. Сепак, Туграл убедил еден од борците на ИСИС да му даде неколку минути и преку телефонот да испрати електронска порака до семејството.
“Заради лошиот прием, беше многу тешко да се поврзам на интернет”, напишал подоцна Туграл, појаснувајќи дека телефонот му бил одземен пред да успее да испрати пораки. “Каде одам?, се прашував, но веќе не беше битно.
ИСИС ги испрашувал новодојденците и сите добиле прекари, според Туграл. “Мојот беше Абу Хураира”, што на арапски е Татко на мачка.
Братство и здодевност
Неколку дена подоцна, Туграл бил префрлен во друга куќа, со изрешетани ѕидови од куршуми, додавајќи дека "веројатно е земена како воен плен", пишува тој. Во неа имало 20-тина луѓе, а Tуграл ја истакнал нивната разновидност и подготвеност за поддршка на ИСИС. Еден од луѓето бил професионален кикбоксер во Германија, а друг машински инженер од Бангладеш.Друг дошол по излегување од затвор во Франција. Друг, пак, платил 15.000 долари за да дојде од Кина.
По неколку дена, Tургал заедно со осум други регрути бил упатен во Рака, прогласен за главен град од ИСИС. "Се гледаме во рајот", биле зборовите со кои биле испратени, пишува тој.
Туграл ја истражувал Рака, нетрпеливо чекајќи го образованието по исламско право или Шарија и фитнес-обуката, што ИСИС ја бара пред учество во борбите. Градот е “голем и полн со луѓе кои продолжуваат да живеат нормално без да има обезглавувања”, пишува тој во писмото. “Најдобрата страна на Исламската држава е забраната за пушење, присутна насекаде”, додава Туграл, но се жали на загаденоста на воздухот од "согорувањето на дизел горивото насекаде", кај моторциклите и средствата за греење.
Во Рака останал две недели. Бил сместен во куќа заедно со други регрути од странство, каде било ладно, со минимално количество на вода и без многу за прехранување, освен јајца. Го болело грлото, но тоа било минорна грижа споредено со стравот од воздушните напади од кои се нишаа врати и прозорци “како да има силен ветар…Мислевме дека во секој момент ќе ни падне бомба над глава”.
Подготовки за војна
Во текот на следните неколку месеци, Туграл бил преместуван во неколку куќи, во и околу Рака, а потоа во Хомс. Во споменатото писмо се жали на животните услови - дека е ладно, преполно со луѓе и валкано. “Во една соба спиеја по 30 луѓе, и постојатно доаѓаа нови луѓе”.
На едно од местата, условите биле буквално примитивни: пештера, иако ИСИС за креветите обезбедил сунгери, машина за перење и генератор за струја. “Имаше и многу запленети работи”, пишува Туграл, како ќебиња со ознака на ОН, наменети за бегалците.
Неговата обука за физичка истрајност почнала првиот ден во пештерата. "Регрутите вежбаа лазење и газење низ кал. Туграл на себе имал палто и пантолони што ги купил во Финска, “не сакав со нив да лазам по калта, но морав”, додава тој, и ги советува идните регрути да си донесат камуфлажна облека.
Меѓу регрутите бил инженер од Британија и неговиот син. “Знаеа по нешто за консталации, и без да чекам да ме прашаат, почнав да им објаснувам”, пишува Туграл. Иако во пештерата имало струја, поголем дел од градот бил во мрак, немало загадување и ништо не го поматувало погледот кон ѕвездите.
“Можам да кажам дека небото над Исламската држава е чисто”.
Страв од небото
Речиси секаде регрутите беа гонети од воздушни напади. Авиони на режимот на сирискиот претседател Башар Ал Асад “летаа над нас секојденвно”...Една од бомбире речиси не оглуши и направи огромна дупка во непосредна близина”.
Туграл се уморил од живот како пештерски човек. Воедно, пишува за проблеми поврзани со Исламската држава: лоши санитарни услови, лоша организација меѓу одредени регрути, сомнителни мотиви. Регрут од Молдавија, кој претходно бил дел од фронтот Ал Нусра поврзан со Ал Каида, “ми кажа дека некои од муџахедините или џихадисти, прифатиле да дојдат заради добри бенефиции, бидејќи Исламската држава добро им плаќала во пари и недвижнини”, вели Тургул.
Сепак, останал со визијата за утопистичка иднина.
“Исламската држава не е одлична држава. Точно, ова е исламска држава, но грешките на луѓето не се нејзина грешка”, пишува Туграл…Нештата овде не функционираат совршено, не се обрнува големо внимание на чистотата, и нема сообраќајни правила. Но, чекор по чекор, ќе се обидеме да поправиме се', особено со помош на имигрантите”, термин што ИСИС го користи за странските борци.
Влегување во борба
По речиси еден месец во пештера, Туграл и неколку други регрути биле избрани за командоси и поканети да се приклучат на група од докажани борци на ИСИС.
Условите одеднаш се подобриле, пишува тој. Командосите биле преместени во куќа во предградие на Хомс. На секого му следувало по едно ќебе, а готвач подготвувал оброци слични на нивната култура, наведува Туграл. Еднаш неделно имале месо, а “банани и портокали”, речиси секој ден, додава тој.
За време на првата битка, Туграл бил медицинско лице, затоа што имал обука за прва помош за време на студиите. “Ја бев 'лекарот'”, пишува тој. “И најмало познавање од медицината, овде може да биде од корист”.
“Тогаш за прв пат одблизу го слушнав звукот на куршумите”, се присеќава Туграл. Заедно со соборците се криел зад висорамнините, а во позадина се слушале тенкови и артилерија. По часови на ветер и дожд, му било дозволено да се повлече. Шатор служел како теренска болница, а внатре, пишува тој, имало двајца загинати, и шестмина повредени. “Мирисаше на крв насекаде”.
Бранење на варваризмот
По уште една ноќ на борби, Туграл со соборците се вратил во базата “извојувајќи победа”, пишува во писмото. Два тенка биле земени како воени трофеи, заедно со мал камион, гранати и “три отсечени глави”.
Тој подоцна во разговор со пријателот од Турција Боратац на Фејсбук, го бранел обезглавувањето од страна на ИД. Боратац го прашал зошто бил дел од “група што убива невини луѓе и кине глави“. “Тоа е психопатско однесување”, рекол тој.
Тургул возвратил дека тоа е казна за поддржувачите на сирискиот режим, “коишто убиле многу невини” цивили и за “оние кои го отфрлаат” исламскиот авторитет, “кои станале робови на Америка”. Со сличен тон, Туграл ги бранел џихадистите на ИД кои киднапирале жени, главно членови на Језидите, и ги користеле како сексуални робови.
Обезглавувањата имаат стратешка цел, му порачал на Боратац: “Тоа е само за на телевизија, да се исплашат непријателите. Штом ќе го видат ова, ќе се исплашат од нас и ќе избегаат”.
Џихадистичка невеста
Некаде во првата половина на април, 2015-та, Туграл бил повреден во престрелка со курдски борци во пограничниот град Тал Абад. Бил испратен на опоравок во Рака, а природата на повредата не е позната.
Следниот месец, се оженил со Ајша Зевра Ет-Турки од Турција, симпатизер на Исламската држава.
Во претходно објавена информација на Фејсбук, Тургул вели дека неоженетите џихадисти имаат месечна плата од 100 долари и делат куќа со уште шестмина други соборци. Странските борци “имаат рок од четири месеци да се оженат…Исламската држава обездува куќа и финансиска помош за вашите жени и деца”, пишува Тургул.
По венчавката, Тургул речиси се повлекол од социјалните мрежи. Боратац се обидел да го добие преку Фејбук, прашувајќи зошто го нема и надевајќи се дека ќе го убеди да се врати во Турција.
“Ми кажа дека тукушто се оженил и дека сопругата била љубоморна ако го видела дека минува премногу време на социјалните мрежи”, изјави Боратац за Гласот на Америка. “Не можев да утврдам дали се шегуваше или беше сериозен”.
Последователните информации на Фејсбук и Твитер, иако повремени, ги откриле се' поголемите аспирации на Туграл за радикален џихад и непоколеблива побожност. Тој се противел на воздушните напади на Сиријците, Русите и на коалиционите сили под водство на САД и повикувал на целосно почитување на Шаријатското право, “од начинот на кој ја конзумирате храната, до користење на тоалетот”.
Ги критикувал сириските Арапи, кои, како што вели на Фејсбук, не можат точно да го рецитираат Коранот или соодветно да поздравуваат: “Кога на обични луѓе во Рака ќе им кажам - одете со мир, ми одговараат 'здраво, здраво'. Многу ме лути”.
За неверниците - билет кон пеколот
Стариот Туграл, оној со страст кон науката, не исчезнал комплетно. Повремено објавувал некои од архивираните фотографии од областа на астрономијата. Коментирал за прашања од геологијата, фармацевски компании и како компјутерскиот простор за складирање, на крајот нема да има ограничувања, исто како и ѕвездите.
На Твитер, ги фалел достигнувањата на научниците како покојниот американски теоретски физичар, Ричард Фејнман и ги “поучувал пред да ги стигне смртта, да се преобратат во исламот”. Туграл своевремено се сретнал и има фотографија со американскиот физичар и нобеловец, Волтер Кон, но по неговата смрт во 2015-та, тој преку Твитер пишува дека како немуслиман, научникот, за жал, земал билет кон пеколот”.
Според социјалните медиуми на ИД, Туграл загинал на почетокот на август во престрелка со курдските борци потпомогнати од САД, северно од Рака. Се борел во областа додека ИД ја изгубила контролата.
Во кусо интервју, таткото на овој џихадист, за Гласот на Америка изјавил дека неговата сопруга во телефонски разговор потврдила дека тој е мртов, и дека ќе биде погребан во Сирија.
Сулејман Туграл на новинарот на Гласот на Америка во Анкара, му кажал дека се обидел да го земе телото на својот син и дека од турските власти побарал да спроведат истрага. “Не знаеме како умрел”, изјави таткото на Рашид. “Случајот го предадовме на обвинител во Анкара и се’ уште чекаме одговор”.
Тој одби понатамошен разговор во врска со неговиот син, а други роднини ја одбија поканата за интервју.
Се надевам дека ќе ве видам во животот после смртта
Последната информација на Туграл на Фејсбук, се појавила на 31–ви август, еден месец пред да загине:
“Ако ме нема овде подолго време, знајте дека моето време на овој свет изминало и се наоѓам во животот после смртта. Молете се за мене дека Алах ќе ме прифати како маченик. Оваа порака е креирана да се појави автоматски. Се надевам ќе Ве видам во животот после смртта”.
Неговиот профил на Фејсбук и натаму постои, но од неодамна профилот на Твитер е блокиран. Во соопштение за Гласот на Америка, Твитер одговори дека од средината на 2015–та година, наваму, “блокирал профили на преку 360.000 корисници заради закани или промоција на терористички активности, главно поврзани со Исламската држава.
Салих Доган, турски аналитичар за политички прашања, меѓународни односи и безбедност на Университетот Кили во Британија, проценил дека “илајдници луѓе од Турција” се приклучиле на ИД. За Гласот на Америка тој изјави дека иако “сите биле под влијание од насилствата во регионот на Дамаск во Сирија”, мотивите меѓу регрутите, варираат. Некои можеби се понаклонети кон џихадистичката идеологија преку растење во конзервативни семејства, преку чувства дека биле неправедно таргетирани, преку тоа што се побуниле за нискиот статус или антиципирајќи финансиска добивка.
“Ужасно е да се види дека овие луѓе одат по тој пат”, додава Доган. “Сметам дека крајната цел овде е да се пополни празнината во внатрешноста и емотивниот свет на човечкото суштество”.
Прашањата за Туграл и натаму го прогонуваат неговиот пријател Боратец.
Своевремено, забележале светлина во небото што не можеле да ја објастат, а Боратец шпекулирал дека се работи за …Рашид слушал внимателно, а потоа истражувал на темата. “Ми кажа, не идиоту, тоа е сателит. Потоа ме научи никогаш да не донесувам заклучоци без да истражам за што се работи”.
Оттука, Боратец си го поставил прашањето – како Туграл можел да биде заведен од пропагандата и суровоста на ИД?
“Ме тера да се запрашам…како дошол дотаму? На времето беше полн со шеги и ништо не сфаќаше сериозно. Истиот тој човек заврши со оправдување на обезглавувањата”.
Според неговиот колега од Универзитет, Целик, Туграл не можел да премости два различни света: “Верувам дека бил многу збунет – религијата била на една, науката на друга страна”.
“Сметам дека неговиот внатрешен свет се карактеризира со големо црнило”, додаде Целик. Можев да го почувствувам тоа дури и пред Туграл да се приклучи на Исламската држава”.